Врз основа на член 10 став 1 од Закон за математичко – информатичка гимназија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/18) и Правилникот за начинот на проверка на знаењата на учениците на приемниот испит за запишување во математичко – информатичката гимназија, бодирањето на резултатите од приемниот испит, како и минимумот бодови за положен приемен испит („ Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/19), Министерството за образование и наука објавува јавен повик за полагање на приемен испит на учениците кај кои има интерес за запишување во математичко – информатичката гимназија во учебната 2020/2021 година.

Во математичко-информатичката гимназија се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оцена 5 по наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто одделение во основното образование и имаат доставено потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит.

Приемниот испит се состои од полагање тестови согласно наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение.
Кандидатот/кандидатката писмено се проверува со два поединечни теста по математика и по физика и секој од нив треба да содржи по четири задачи со понудени одговори, четири задачи со дополнување и четири задачи со целосна постапка на решавање.

Времетраењето на писменото проверување за секој предмет (математика и физика) ќе изнесува по 120 минути.

Полагањето на приемниот испит ќе се реализира во просториите на СГГУГС„ Здравко Цветковски“ Скопје и тоа предметот математика на 02.6.2020 година со почеток во 10 часот и физика 04.6.2020 година со почеток во 10 часот.

НАЧИН ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Заинтересираните ученици треба да испратат Писмо на интерес со податоци за ученикот и родителот/ старателот ( име, презиме, училиште и општина во кое ќе го заврши основното образование, телефонски број од ученикот, телефонски број од еден родител и електронска адреса на ученикот/родителот), на адреса – Министерство за образование и наука, Сектор за средно образование, образование на возрасни и доживотно учење, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со наслов “За јавен повик за полагање на приемен испит за запишување на математичко-информатичката гимназија“ и електронски на следната имеил адреса julija_g@hotmail.com, најдоцна до 30.5.2020 година.

Министерството за образование и наука со оглед на затекнатата ситуација со COVID 19, го задржува правото да ги пролонгира датумите за полагање на испитите, за што сите ученици кои доставиле писмо на интерес ќе бидат уредно известени на своите емеил адреси.