Во текот на месец декември, во духот на иновацијата, тимската работа и практичната примена на знаењата, во Математичко-информатичката гимназија се реализираше хакатон со учениците од четврта година, посветен на дизајнирање и програмирање роботи за решавање на лавиринт.
Хакатонот беше организиран и реализиран под менторство на проф. Влатко Спасев, кој во текот на целиот процес им обезбедуваше стручна поддршка, насоки и мотивација на учениците. Учениците беа поделени во пет тимови, а секој тим имаше задача да создаде функционален робот способен самостојно да се движи низ комплексна патека.

Процесот вклучуваше механички дизајн, избор и интеграција на сензори како и креирање на алгоритми за ориентација и оптимизација на движењето. Преку оваа активност, учениците ги продлабочија своите знаења од информатика, математика и роботика, но и развиваа критичко размислување, креативност и тимска координација.

Круна на хакатонот беше финалниот натпревар, каде роботите се соочија со вистински предизвик – кој најбрзо и најпрецизно ќе го помине лавиринтот. Во атмосфера исполнета со возбуда и натпреварувачки дух, се мереше времето и се утврди најуспешниот тим. Секое решение беше уникатно и претставуваше резултат на посветена работа.
Во продолжение се наоѓаат видеа снимени од самите ученици за време на финалето преку кои можат да се доловат динамиката, адреналинот и емоциите од натпреварот.
https://www.youtube.com/watch?v=TJ18hXIlHk4
https://youtube.com/shorts/hB_bicpSXXc?si=gJZifAMxrdAbY08d


