Сребрен медал освои чудото од дете Дамјан Давков на Светската олипијада по информатика што се одржува во Александрија, Египет. Еден од најталентираните средношколци во Македонија, кој два пати по ред освои злато на Светската олимпијада по математика, за малку не го освои врвното осличје и на овој натпревар.
– Дамјан беше многу блиску и до освојување на златен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само 9 поени, од можните 600 поени на натпреварот. Исто така, нашиот Благој Рујаноски Стојановски освои олимписка пофалница – велат од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ) кои го организираат учеството на македонската репрезентација.
36. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2024) се одржува пд 1 до 8 семпрември. Македонскиот тим светскиот најпрестижен годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци го сочинуваат Дамјан Давков од Штип, Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Виктор Максимоски од Гостивар и Софија Велковска од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Нашиот тим за годинешната ИОИ беше избран преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира ЗИМ. На светската олимпијада годинава улествуваа 370 ученици од 96 земји од целиот свет. Ова е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите членки на ИОИ заедницата. На овој натпревар учествуваат одбрани талентирани средношколци од целиот свет, кои натпреварувајќи се ги изоструваат своите информатички вештини, како што се анализа на проблеми, дизајн на алгоритми и податочни структури, програмирање и тестирање. Секоја година, во повеќе од 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.
– Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех се должи на интензивна работа на повеќе волонтери вклучени во работата на Здружението, а можноста за учество на натпреварите ни ја дава поддршката од нашите поддржувачи, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и неколку општествено одговорни компании како Sorsix, Netcetara, Codecham и Loka. Со ваков млад тим, ученици кои имаат право и следните години да учествуваат на ИОИ, можеме да очекуваме дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати, и уште еднаш ќе испишеме историја за Македонија – вели проф. д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ.
Следната, 37. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2025), ќе се одржи во Боливија. Следен настан пак, кој им претстои на нашите информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ), чиј домаќин ќе биде Македонија, а ќе се одржи од 20 до 26 септември во Охрид. Здружението на информатичари на Македонија ќе биде домаќин на повеќе од 100 учесници од 15 различни земји и за таа цел подготовките се во тек, а повикот за спонзорства од македонските компании е се’ уште активен.
Преземено од umno.mk